Заклучоци и препораки, 26.11.2011

Заклучоци и препораки од панел сесијата на тема “Македонски и регионални предизвици пред самитот на НАТО во Чикаго”, организирана од Балкански форум за безбедност

26 ноември 2011 година, Скопје

Поаѓајќи од Програмската платформа, а имајќи ги во вид актуелните политичко-безбедносни аспекти на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-економските и безбедносните ризици и движења, Балкански форум за безбедност на 26 ноември 2011 година, во Домот на АРМ Скопје организира и реализира Панел дискусија на тема “Македонски и регионални предизвици пред самитот на НАТО во Чикаго”.

Имајќи во вид дека наведената проблематика за панел сесијата е непосредно поврзана со областа од најширок интерес за граѓаните на Република Македонија и на македонското општество, воопшто, како и тоа дека самата дискусија треба да ги опфати размислувањата и ставовите на експерти од безбедноста и одбраната, професори и инструктори од образовните институции кои имаат програми за безбедност и други авторитети од Република Македонија, на Панел дискусијата беа поканети, присуствуваа и учествуваа претставници од: владините институции, невладиниот сектор, високообразовните и други институции и организации од Република Македонија, авторитети од областа на политичкиот и информативниот простор во Македонија, меѓународните организации: ЕУ, ОБСЕ, НАТО, амбасади во Република Македонија, експерти од областа на безбедноста и одбраната. Несомнено, сите тие дадоа квалитетна поддршка и придонесоа во остварувањето на целта на панел дискусијата.

Панел дискусијата имаше за цел да ги афирмира општите утврдени безбедносни вредности преку дебата на идеи, опции и конкретни планирани активности, со што ќе се укаже на најефикасните начини за воспоставување на безбедна и политички стабилна средина во Република Македонија и регионот.

Со оваа Панел дискусија Балкански форум за безбедност си постави за цел и тоа, врз експертска анализа на актуелните аспекти на безбедноста и стабилноста, да се даде поглед на учесниците на дебатата за патот на натамошната изградба на системот за безбедност на Македонија во контекст на стабилноста на национално и регионално ниво, како предизвик и приоритет во насочувањето и интензивирањето на активностите на полето на вредностите на безбедноста и во создавањето услови за одржлив развој, зацврстување на довербата и соработката во регионот.

Значаен очекуван резултат беше дека авторитетите, експертите и научниците кои се занимаваат со проблематиката на безбедноста и одбраната, поврзани со политики и анализи, ќе придонесат за пошироки и подлабоки сознанија за севкупните ризици и можните нови појавни манифестации на кризи и кризни ситуации, за идеите и организациската подготвеност како да се одговори на предизвиците и на потребните подобрувања во концептот на националната безбедност. Врз основа на размена на информации и идеи, панел дискусијата имаше за цел да генерира предлози за подобрување на оперативните способности и меѓуресорската соработка во системот за безбедност.

Поаѓајќи од поставените цели, Панел сесијата се одвиваше во рамките на две панел дискусии.

По првата Панел дискусија: Македонија во НАТО и европската безбедност – реалност или само огледален приказ на желби, која ја отвори д-р Благоја Марковски, претседател на Балкански форум за безбедност, воведни излагања поднесоа проф. д-р Ризман Сулејмани и доцент д-р Методи Хаџи Јанев. Во рамките на оваа Панел дискусија беа понудени тези за дискусија: 1) Актуелните безбедносни состојби во земјата и регионот, како предизвик за eвро-атланските приоритети и 2) НАТО, европската безбедност и местото на Република Македонија во контекст на безбедноста на регионално и глобално ниво.

По втората Панел дискусија: Аналитичко-медиумски поглед – очекувањата и ставовите на јавноста од Самитот во Чикаго, која ја модерираше Александар Чомовски, претседател на Собранието на Балкански форум за безбедност, воведни излагања поднесоа м-р Дане Талевски и Мирка Велиновска, новинар. Во рамките на оваа Панел дискусија беа понудени тези за дискусија: 1) Чикаго 2012 – потврда на македонскиот придонес или причина за јакнење на НАТО-скептицизмот и 2) Постои ли македонска алтернатива за НАТО – дали неутралноста има шанси?

Во остварувањето на поставените цели Панел дискусијата се одвиваше на интерактивна основа.

Сериозноста и актуелноста на оваа проблематика предизвика интензивна дискусија особено за дообјаснување на процедурите за редоследот на ангажирање на субјектите во справување со кризи и недореченостите  во нормативата кои доведуваат до преклопување на надлежностите помеѓу субјектите во системот за заштита и спасување и управување со кризи.

Врз основа на воведните излагања, бројните коментари и дискусии на Панел сесијата за македонски и регионални предизвици пред самитот на НАТО во Чикаго, произлегоа следните

заклучоци и препораки:

– Во овој момент за земјите од Југоисточна Европа, посебно за Балканот и за Македонија, не постојат опасности од класична војна или агресија, но има многу асиметрични закани кои бараат соодветен одговор од секоја земја одделно, како и од сите држави заедно,

– Македонија мометно не е под безбедносен ризик, но треба да биде претпазлива. Земјата треба да работи многу, посебно на внатрешната стабилност како предуслов за зачувување на надворешната стабилност, да ги следи движењета во регионот и пошироко и навреме да се позиционира врз основа на новонастанатите ситуации,

– Во регионот има две жаришта кои се актуелни. Првото е северниот дел на Косово каде што пак се активираат некои активности кои индицираат дека е можна одредена дестабилизација и второто, е длабоката криза во која се наоѓа нашиот јужен сосед Грција, за која и покрај сите напори што се прават експертите укажуваат дека сепак ќе биде многу тешко да се надмине таа ситуација затоа што колку и да изгледа економска, може да има и безбедносни последици, ако се случат најцрните сценарија Република Грција дефинитивно да банкротира и ако евентуално биде исфрлена од евро зоната, што би причинило создавање и на некои други сценарија,

– Факт е дека на глобално, светско ниво се случуваат крупни промени. Факт е дека слабее евроатлантската линија и за нејзина сметка јакне евроазиската линија,

– Економската криза во Грција, проблемите во еврозоната, а особено вртењето на погледот на светските играчи кон нови кризни жаришта може да се рефлектира во регионот, а самите овие настани можат да создадат безбедносен вакуум. Во овој контекст е можна опасност за регионот за одреден период, до воспоставувањето нови играчи, доколку се создаде недефинирана позиција,

– Незачленувањето на Македонија во НАТО, домашните јавни дебати по Букурешт го третираа многу површински и го сведоа на наметнатиот порблем со името. Факт е дека тоа што Македонија не стана членка на Алијансата е поврзано со името, но се случи и нешто друго: НАТО како хомогена безбедносна структура до тогаш, покажа дека веќе не зборува со еден глас. Со тоа практично заврши униполарниот свет и неговата улога на единствениот безбедносен чувар на регионот и пошироко во светот.

– Новиот стратешки концепт и проблемите внатре во Алијансата излегоа на виделина кога не помина процесот за надградба на иднината на НАТО како што сакаа Американците. Тоа не е заради тоа што Американците ги испуштија конците, туку е заради тоа што не очекуваа дека Европа е толку слаба и дека ќе падне на колена, особено некои нејзини членки. Нејзиното јужно крило беше во долгови и долго години го фалсификуваше својот извештај во однос на другите земји,

– Република Македонија не претставува никаква закана ниту за регионот, ниту за Балканот, ниту за Европа. Сепак, Македонија поради Грција и натаму останува на прагот иако ги исполнува сите услови за членство во НАТО. Но, Македонија има шанса дури и да не биде членка во НАТО да го реши безбедносниот проблем. Не треба да се иде на избрзани предлози за решенија со името за влез во НАТО,

-Во Македонија од страна на јавноста доста некритички се опсервира самата потреба да се влезе во НАТО. Во последните 10 години поддршката за влез во НАТО е изразително висока и се движи некаде меѓу 70 и 80%. И луѓето некритички го гледаат тоа бидејќи го сфаќаат крајно симболично – ова за нив значи дека ЕУ и НАТО се симболи на тоа дека Македонија по автоматизам со зачленувањето во овие структури ќе биде стабилна, безбедна и просперитетна.

Балкански форум за безбедност ја искажува својата подготвеност и натаму да се ангажира во активностите и да ги става на располагање своите интелектуални капацитети и посветеност на проучување и анализа на проблематиката во областа на безбедноста и одбраната и да даде свој придонес во изградбата на безбеноста и мирот, како на ниво на Република Македонија така и на ниво на регионот на ЈИЕ.

Балкански форум за безбедност

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links