Панел дебата, 29.09.2018

Панел дебата

“Република Македонија пред нова историска одлука”

Дом на АРМ, Скопје, 25 септември 2018 година

Панел дебатата беше организирана и реализирана од страна на Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународните односи која ја сочинуваат следните здруженија и клубови: Здружение на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, Балкански форум за безбедност, Клуб на генерали на АРМ, Дипломатски клуб Скопје, Здружение на дипломирани студенти на НАТО колеџот во РИМ, Здружение на воени пензионери на Р. Македонија, Здружение на армиски ветерани Кавадарци и Здружение на учесници во одбраната (ЗУВО) на РМ 2001/2002.

Дебатата имаше за цел да се презентираат размислувања и ставови на експерти и членови на Асоцијацијата, посветени на Македонско-грчката спогодба и претстојното референдумско изјаснување на граѓаните на Република Македонија, заради расветлување на фактите и причинско-последичната поврзаност на актуелните состојби со иднината на државата, а во контекст на глобалните, регионалните и внатрешните перспективи за безбедносните предизвици и движења.

Во тој контекст, на дебатата беа разгледани и анализирани основните факти за македонско-грчката спогодба, поделеноста на македонското општество што ја предизвикува оваа Спогодба, како и очекувањата, резултатите и последиците од референдумското изјаснување на граѓаните на Република Македонија. Особен осврт беше даден на факторите кои влијаат или можат да предизвикаат последици по натамошниот развој на македонското општество и интегративните процеси во Европската унија и НАТО.

На дебатата свои ставови, како основа за натамошната дискусија, изнесоа: поранешниот генерал Филип Котели – претседател на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, д-р Благоја Марковски – претседател на Балканскиот форум за безбедност,  професор д-р Темелко Ристевски, до неодамна декан на Правниот факултет на ФОН Универзитетот од Скопје, професор д-р Јове Кекеновски од ФТУ – Охрид, д-р Зоран Тодоров, од МНО и претставник на Дипломатскиот клуб Скопје, како и поранешниот началник на ГШ на АРМ генерал Мирослав Стојановски, претседател на Клубот на генерали./

Учесници на Панел дебатата беа 68 членови на здруженијата и клубовите од Асоцијацијата.

Панел дебатата се одвиваше на пленарна седница – отворање, поздравни говори и воведно излагање на организаторите, а потоа продолжи со дискусии на присутните по воведните излагања на панелистите.

Панел дебатата ја следеа и за истата известија 6 ТВ, МИА и повеќе новинари од интернет портали.

Основни забелешки и ставови од Панел дебатата

– Република Македонија е пред нова историска одлука.

– Според Владата и владеачкото мнозинство во Парламентот, оваа Спогодба е историски најдобра и фер шанса за граѓаните на Македонија. Таа е влог во македонската иднина, со кој го расчистуваме патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ. Стануваме член на семејствата на НАТО и ЕУ нациите кои уживаат силен економски развој. Со спогодбата се гарантира правото да се определуваме како МАКЕДОНЦИ, официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици, нашето државјанство ќе биде: македонско / граѓани на Северна Македонија, со Спогодбата ја отстранивме последната пречка за нашето членство во НАТО, како резултат на Спогодбата ќе започнеме преговори за членство во ЕУ.

– Наспроти овие уверувања на власта, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи, како и дел од опозициски расположените граѓани, Спогодбата ја карактеризира како капитулација и дека истата претставува пораз за Македонија, а претседателот Иванов има непоколеблив став дека нема да ја потпише Спогодбата, класифицирајќи ја како штетна за земјата и дека истата значи напуштање на изградените суштински државни позиции: неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.

– Во ваквата констелација на актуелни внатрешни настани, Република Македонија доживеа своевидна инвазија или како што тоа некои го окарактеризираа, како „дипломатски десант на меѓународниот фактор олицетворен во посетите и сугестиите на претствници на земјите членки на ЕУ и НАТО“ со основна сублимирана порака дека „Спогодбата е историски договор за спорот со името кој што ја отвора можноста за рамноправно членство во меѓународната заедница, вклучувајќи го рамноправното членство во ЕУ и НАТО“.

– Во овој момент речиси никој не знае како ќе изгледа продолжението на процесот кој е условен од резултатот на претстојниот референдум.

– Бојкотирањето на Спогодбата значи застанување на страната на оние кои не сакаат да дадат одговор што ќе се случува со нашата земја, ако ја пропуштиме и оваа можност за интегрирање во НАТО и во ЕУ.

Ставови од излагањата на панелистите:

Д-р Благоја Марковски од Балкански форум за безбедност:

– Периодот на преговори и приближување на ставовите меѓу Република Македонија и Грција во врска со проблемот со нашето уставно име, самиот акт на потпишување на 17 јуни на „Спогодбата за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 од 1993 година на Советот за безбедност на Обединетите нации – за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“ и, особено, Одлуката на Собранието од 30 јули да се организира и спроведе референдум за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?”, ја поделија македонската јавност. Уште покарактеристично е што таа поделеност се манифестира и меѓу политичките субјекти, па и во државниот врв. Во овој момент речиси никој не знае како ќе изгледа продолжението на процесот, што е условен од резултатите од претстојниот референдум.

Професор д-р Темелко Ристески:

Со Договорот не се брише државно-правниот континуитет на државата. Во член три се вели дека страните ја потврдуваат нивната постоечка меѓусебна граница, како трајна и неповредлива меѓународна граница, ниту една нема да има територијални претензии кон другата, ќе ги почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и политичката независност.

Д-р Зоран Тодоров од Дипломатскиот клуб:

Потпишаната спогодба е факт и во правна и во политичка смисла, кој треба да биде потврден од граѓаните директно на референдум и посредно преку нивните претставници во Собранието. Потребно е по 27 години самостојност да се навикнеме на обврската, која секој во меѓународното право треба да ја има и да ја преземе во меѓународните односи. Спогодбата има за цел да го затвори спорното прашање и консеквентно нуди затворање на безбедносен проблем од регионално значење.

Генерал во пензија Мирослав Стојановски, поранешниот началник на ГШ на АРМ:

Спогодбата е услов за членство во НАТО. Алијансата почива врз мултулатерализам, неделивост на безбедноста и солидарност и кохезија. Се ова што важи за НАТО ќе важи за Република Македонија кога ќе стане полноправна членка на Алијансата. Потребно е Македонија што поскоро да направи анализа колку ќе ја чини членството во НАТО, бидејќи само така ќе биде разрешена дилемата во јавноста – за што ќе се трошат парите.

Професор д-р Јове Кекеновски:

Договорот од Преспа не ги решава само разликите со името, туку станува збор за надградена спогодба за решавање на различните сфаќања во однос на македонската историја, македонската култура и образование, па дури и за слободите и правата на граѓаните. Покрај самопреименувањето или укинувањето на сопственото име, Договорот предвидува и редефинирање на нашиот внатрешен поредок и досегашните административни практики, од причина што решенијата понудени длабоко задираат во политичкиот и уставниот систем на Република Македонија, преку барањето за промена на Уставот. Со овој Договор ќе има промена на називите на сите државни институции, ќе се менува начинот на ословување при меѓусебната комуникација. Тука се и постапките за ревизија на учебниците, мапите, историските атласи, наставните упатства, преиспитување на статусот на спомениците и јавната инфраструктура, промена на банкноти, монети, регистарски таблички, лични документи, сведителства, дипломи. Со Договорот се атакува врз повеќедецинискиот македонски државен континуитет.

Основни забелешки од дискусиите на присутните

Позитивни ставови за Договорот

– Целта на преспанскиот договор е да се затвори спорното прашање кое трае повеќе од 27 години. Со договорот не се губи идентитетот.

– Со потпишувањето на Договорот од Преспа се отвора патот кон НАТО и Европската Унија. Ќе треба да се направат болни отстапки и многу реформи на домашен план, но придобките ќе бидат огромни.

– Потпишаната Спогодба е факт и во правна и во политичка смисла, а мандатот за потпишување на Договорот произлегува од резолуциите на Обединетите Нации.

– На Македонија и се потребни гаранции за зачувување на суверенитетот, кои ќе ги добие со влезот во НАТО, а безбедноста на една држава е предуслов за сите останати процеси.

– Заштита на македонскиот идентитет, влез на Македонија во НАТО и следствено на тоа зголемување на безбедноста во рамки на Алијансата и нејзиниот принцип на колективна одбрана, зајакнување на сувереноста, гаранција за територијалниот интегритет, почнување преговори со Европската унија, зголемување на инвестициите во земјава се дел од придобивките кои Македонија ќе ги има со Договорот со Грција и перспективите што со него се отвораат.

Негативни оценки и ставови за Договорот

– Содржината на Договорот го напаѓа деценискиот македонски државен континуитет преку интервенција во преамбулата на Уставот. Покрај тоа што не носи еднакви обврски за двете страни, тој содржи и правни недостатоци

– Договорот не е само договор за решавање на разликите со името, туку станува збор за проширена и надградена спогодба за решавање на различните сфаќања во однос на кој, покрај самопреименувањето или укинување на соопственото име, се предвидува и редефинирање на внатрешниот поредок.

– Постои дилема што ќе се случи доколку референдумот не успее и кој ќе ја понесе одговорноста ако никогаш повеќе не добиеме ваква шанса.

– Постојат индиции дека актуелната власт, заедно со потпишувањето на Договорот, презела и обврски за учество во разрешувањата на Европската бегалска криза во смисла на изградба на бегалски камп кај Демит Капија и прифат на бегалци од Блискиот и Средниот Исток и од Северна Африка.

Кус заклучок:

Најголемиот број на учесниците на Панел дебатата имаат позитивно мислење за Македонско-грчката спогодба и позитивен став за рфеферендумот. Меѓутоа, еден помал дел со сомнителност се однесуваат кон Спогодбата, а некои дури својот негативен став го искажаа и јавно низ своите дискусии.

Општа е карактеристика дека оние членови на Асоцијацијата кои сеуште се во работен однос (претежно во државната администрација – министерства, армија, полиција) или од скоро се во пензија, имаат позитивен однос и став кон Спогодбата и референдумот. Тие се и во мнозинство во рамките на Асоцијацијата. Оние членови кои се подолг период во пензија или надвор од државната администрација имаат послободни ставови и или се воздржани во оценките кон Спогодбата и референдумот или отворено се против. Сепак, нивниот број во однос на претходните е значително мал.

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links