Извештај 28.03 2022

Извештај за реализацијата на трибина на тема „30 години развој на Армијата – формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“.

На 28-ми март 2022 година, со почеток во 11.00 часот во Домот на Армијата во Скопје се одржа трибина на тема „30 години развој на Армијата – формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“.

Трибината која беше во организација на Асоцијацијата на здруженија од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународните односи, чиј основач и член е и Балкански форум за безбедност, со поддршка на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, го означи  почетокот на активностите за одбележување на триесет годишниот јубилеј на Армијата.

На трибината со свое обраќање настапија: Претседателот и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, првиот началник на Генералштабот, генерал Митре Арсовски, Н.Е. Амбасадор Виктор Габер, генерал-мајор д-р Павле Арсоски и други учесници.

Трибината ја отвори генералот во пензија Филип Котели, претседател на Иницијативниот одбор на Асоцијацијата, а со истата модерираше и поднесе воведно излагање д-р Благоја Марковски, претседател на Балкански форум за безбедност.

  1. Воведни насоки

Во осмислувањето на темата за трибината основна идејна водилка беше преку политички, воени и експертски видувања за достигнувањата на одбраната на Република Северена Македонија, од осамостојувањето до денес, да се направи обид за согледување и посочување на историчноста во формирањето на Армијата на Северена Македонија, нејзините изградба и развој, но и натамошните предизвици и правци на развој во остварувањето на уставната улога, мисии и задачи.

Притоа, како што беше потцртано во воведот на трибината, на формирањето, изградбата и развојот на Армијата на Република Северна Македонија  се гледа како на една нераскинлива врска на континуитетот од процесот на создавање на македонската армија, во согласност со традициите на Разловечкото, Македонското (Кресненско) и Илинденското востание и продолжен со формирањето на Првиот баталјон „Мирче Ацев″, како прва регуларна воена единица на пред АСНОМ-ска и АСНОМ-ска Македонија. Затоа, 28 март 1992 година, точно пред 30 години, е само еден нов апологеј кој воените историчари и современиците од тој период ќе го апострофираат како ден кога е формиран Генералштабот кој веднаш започна со своите активности на организирање на Армијата на суверена и самостојна (тогаш) Република Македонија.

На 17 ноември 1991 година Собранието го усвои Уставот, според кој територијалниот интегритет и независноста на земјата ги штитат вооружените сили на Републиката. На 14 февруари 1992 година Собранието го изгласа Законот за одбрана, според кој Армијата е вооружена сила, а „одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како армија на Република Македонија“.

Тоа беа двата најзначајни основни државно-политички документи и платформа за формирање и организирање на системот за одбрана, а во тој контекст и на Армијата.

На 27 март 1992 година македонската територија ја напушти и последниот војник на поранешната федерална армија и од страна на припадници на територијалната одбрана, а потоа и од својата војска, (тогаш) Република Македонија ја презеде контролата над сета своја територија.

На 14 април во гарнизонот во Охрид пристигна првиот регрут, а на 15 април и во касарните во Скопје, во Штип и во Битола пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата.

Баш заради сето ова, беше оценето дека трибината има и свечен и научно-историски карактер. Свечен, заради гордоста и пиететот во одбележувањето на 30 години од формирањето и организациско-формациската поставеност на современата Армија на Република Северна Македонија, а научно-историски заради нејзиниот развоен пат во исклучително сложен безбедносно-одбранбен период, актуелен и на регионален и на глобален план.

  • Основни согледувања и пораки од обраќањата

а) Претседателот, проф. д-р Стево Пендаровски

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили проф. д-р Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека Армијата во изминатите 30 години, целосно се трансформираше, модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната, а стекнуваше искуство и на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од ОН, од ЕУ, НАТО и од нашите стратешки партнери на билатерална основа зајакнувајќи го нашиот меѓународен кредибилитет затоа што не препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

“Една од најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк надпартиски и општествен консензус е истрајноста во нашата евроатлантска ориентација. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија“, истакна Претседателот Пендаровски.

Според Претседателот Пендаровски, модернизацијата на Армијата се одвиваше во чекор со најновите трендови во одбраната, како што ѝ прилега на земја-членка на НАТО. Патот до членството не беше воопшто едноставен, но посветено, сите заедно успеавме да станеме дел од колективната безбедност, со што се реализираше клучната стратешка цел на државата.

Претседателот Пендаровски посочи дека “за зголемување на кредибилитетот и довербата која граѓаните ја имаат денес во Армијата битно значење имаше процесот кој го започнавме по 2001-та кога во нејзините редови помасовно почнаа да се вклучуваат и припадниците на другите етнички заедници, како и жените. Некои од одлуките кои ги донесов во мојот мандат беа токму од овој домен – за прв пат припадници од немнозинските заедници влегоа во специјалните единици и за прв пат во нашата историја жена офицер стана Аѓутант на претседателот. Убеден сум дека вклучувањето на припадниците на различните групи од нашето општество на сите нивоа во Армијата само ќе ја засили нејзината внатрешна кохезија и потенцијал уште успешно да ги извршува своите уставни и законски обврски“.

“Низ целиот овој 30-годишен период, Армијата беше ангажирана и во клучните предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа косовската криза од 1999-та, воениот конфликт од 2001 година и мигрантската криза од 2015 година. Армијата се вклучуваше и помагаше и на најразлични кризни и вонредни ситуации, од справување со елементарните непогоди и пожари, па сè до пандемијата на Ковид-19“, истакна Претседателот Пендаровски.

„Во споредба со почетоците денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална армија која е подготвена да се справува со асиметричните хибридни закани на 21 век. Украинскиот пример ни покажува дека класичните традиционални воени закани остануваат присутни но новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме“, кажа Претседателот Пендаровски.

„За да бидеме спремни за соочување и со традиционалните и со новите закани, ќе продолжиме да инвестираме во одбраната за да го постигнеме прагот за издвојување на 2% од БДП, во согласност со стандардите на НАТО. Ќе продолжиме со реформите во одбраната, со модернизација и опремување и со јакнењето на отпорноста на нашиот безбедносен систем, особено на хибридните и сајбер закани и борбата со лажните вести и дезинформации. Исто така, ќе продолжиме и да придонесуваме кон колективната безбедност и одбрана со учество во мисии заедно со нашите сојузници… Припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и до сега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како предуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество. Во таа смисла, македонските граѓани можат да бидат сосема спокојни“, порача претседателот Пендаровски.

б) Министерката Славјанка Петровска

Министерката Петровска на трибината, честитајќи го триесетгодишниот јубилеј на сите кои придонеле во развојот на Армијата од нејзиното воспоставување до денеска, посочи:

“Денес Северна Македонија не е сама, туку е дел од обединето семејство, кое е подготвено заеднички да одговори на сите безбедносни предизвици. Ова е време кога не постои алтернатива на сојузништвото, соработката и меѓусебната поддршка на меѓународно ниво. Без безбедност нема ниту економски развој, ни просперитет, но од друга страна, без развој на одбранбените способности нема безбедност и демократско владеење на правото“.

Членството во Алијансата дојде во вистински момент, порача министерката Петровска и додаде дека “2022 година ја покажа суровата реалност од нови безбедносни ризици, закани и предизвици кои се исклучително сериозни и непојмливи дека можат да се случат по крајот на Втората светска војна. Случувањата во Украина нè потсетија дека војната на европско тло не е минато, а мирот не е загарантиран. Тоа нè потсети дека развојот на одбранбените капацитети се повеќе од неопходност, дека подготовките и градењето на отпорноста мора да се разберат како континуитет и дека покрај сè со денешните предизвици ниту една земја не може самостојно успешно да се справи.“

Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека во изминатите три децении поминати се низа падови и подеми, но и посветена работа во спроведување на реформи во одбранбениот сектор и зајакнување на одбранбените капацитети и способности, за да на 27 март 2020 година, земјата го исполни долгогодишниот надворешно политички приоритет – членството во Алијансата. Со тоа добивме уверлива безбедносна гаранција во крајно комплексното, динамично и непредвидливо современо безбедносно опкружување.

„Можам слободно да изнесам дека членството во Алијансата дојде во вистински момент. Ќе остане забележано дека 2020 година беше година која ја одбележа пандемијата со Ковид-19 која ја покажа на дело солидарноста на сите нас во справувањето со ваквите закани, а членството потврди дека солидарноста е присутна и во услови кога не зборуваме само за безбедноста и сигурноста“, рече министерката Петровска.

Согласно обврските од НАТО Самитот во Велс, во 2014 година, министерката Петровска додаде дека секоја земја членка треба да инвестира најмалку 2 отсто од БДП, од кои најмалку 20% треба да бидат наменети за набавка на опрема и за модернизација, а Република Северна Македонија е на чекор до го достигне тоа ниво.

„Оваа година буџетот е 1,77% од БДП. До 2024 е извесно дека тоа ќе го достигнеме, но уште поважно е дека 30% од овој буџет одат за опрема и модернизација. Согласно Агендата 2030 на НАТО, како и новонастанатите безбедносни случувања на тлото на Европа, јасно е дека само со долгорочно инвестирање во одбраната ќе бидеме способни и реално да ги исполниме нашите обврски и да го потврдиме нашиот приоритет како рамноправен сојузник“, рече министерката за одбрана Петровска.

в) Началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски напомна дека 28 март за припадниците на Армијата е голем историски ден, ден кога пред 30 години формално и правно, Генералштабот на Армијата започна со извршување на своите уставно законски функции и надлежности. Како директен учесник во тридеценискиот развој на Армијата, генералот Ѓурчиновски истакна дека денешното постигнато ниво на развој се должи на взаемното споделување на ова бреме со сите државни структури, но пред се на несебичното залагање на директно инволвираните од армиските редови и од сите структури на одбраната:

„Во далечната 1992 година Армијата го оформи базичниот темел на кој неуморно и посветено отпочна да ја надградува својата структура и функционалност. Со ова во целост ја изврши дадената задача од државното раководство и покажа дека со право е еден од главните столбови на кои е поставена нашата државност“, истакна Ѓурчиновски.

„Армијата, како најзначаен субјект во одбранбениот систем на Републиката, во овие 30 години, умееше секогаш да ги согледа приоритетите во структурните промени, кои со умешност во командувањето, контролата и принципот на едностарешинство и субординација овозможија за релативно краток период да се достигнат потребните стандарди на НАТО“.

„Констатацијата од раководството на Алијансата дека ги исполнивме потребните услови за целосно воено интегрирање во НАТО во рекорден рок е доказ дека умееме да ги вградуваме научените лекции и владееме со трансформациските процеси на начин кој потврдува успех“, нагласи началникот на Генералштабот.

„Од нас, припадниците на Армијата, останува ветеното но и постојаната обврска преку заложбите за јакнење на моралот, подобрување на стандародот на принципите во Армијата и подобрување на севкупната борбена готовност во Армијата да продолжиме и да придонесуваме во постигнување на поголеми резултати во служба на татковината и граѓаните. Нашите напори остануваат фокусирани кон целосно имплементирање на зацртаните структурни реформи и кон реализацијата на плановите за долгорочен развој и опремување како што доликува на Армија земја членка на НАТО“, рече Ѓурчиновски.

г) Други учесници

На трибината обраќања имаа и првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски и првиот началник на Генералштабот, генерал Митре Арсовски, aмбасадорот Виктор Габер, gенерал-мајорот д-р Павле Арсоски, како и други говорници кои ги споделија искуствата од самите почетоци на државно-правните акти, значајни за етаблирање на (тогаш) Република Македонија како меѓународен субјект во 1992 година и, во тој контекст, создадените услови за формирање и историски развој на Армијата.

Трибината, преку стручната експертиза и аналитичкото согледување од страна на соговорниците, како и нивните експертски и политички видувања за достигнувањата на одбраната на Република Северна Македонија го дадоа својот инпут во можните натамошни предизвици и правци на развој на одбраната, како дел од колективната одбрана.

Со трибината се отпочнаа планираните активности со кои ќе се одбележува јубилејот 30 години од формирањето на Армијата: изложби, концерти, спортски натпревари, хуманитарни акции, прослави во единиците и друго.

Балкански форум за безбедност

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links