ОСВРТ, Заклучоци и препораки, 24.10.2019

ОСВРТ, Заклучоци и препораки
од панел сесијата на тема: “Периодот пред нас – време на безбедносни предизвици и неопходни чекори” организирана од Балкански форум за безбедност и Асоцијацијата на здруженија од областа на безбедноста, одбраната и меѓународните односи, 24 октомври 2019 година, Скопје

Кус осврт на реализацијата на Панел сесијата

Поаѓајќи од Програмската платформа, а имајќи ги во вид актуелните политичко-безбедносни аспекти на глобалните, регионалните и македонските предизвици за безбедносните ризици и движења, Балкански форум за безбедност заедно со Асоцијацијата на здруженија од областа на безбедноста, одбраната и меѓународните односи на 24 октомври 2019 година, во Домот на АРМ Скопје организира и реализира Панел дискусија на тема “Периодот пред нас – време на безбедносни предизвици и неопходни чекори.

Имајќи во вид дека наведената проблематика за панел сесијата е непосредно поврзана со областа од најширок интерес за граѓаните на Република Македонија и на македонското општество, воопшто, како и тоа дека самата дискусија требаше да ги опфати размислувањата и ставовите на експерти и авторитети, посветени на глобалните, регионалните и македонските перспективи за безбедносните предизвици и движења на Панел дебатата беа поканети, присуствуваа и учествуваа претставници од: политичко-партиските структури, невладиниот сектор, високообразовните и други институции и организации од Република Северна Македонија, авторитети и експерти од областа на безбедноста и одбраната, политичката, безбедносната и информативно-аналитичката и истражувачката област. Несомнено, сите тие дадоа квалитетна поддршка и придонесоа во остварувањето на целта на панел дебатата.

Цели на Панел дебатата

Панел дебатата имаше основна цел, врз презентација на размислувања и ставови, посветени на актуелните политичко-бебедносни состојби, да ги расветли фактите и причинско-последичната поврзаност на истите со иднината на Република Северна Македонија, а во контекст на нашите развојни можности и глобалните, регионалните и внатрешните перспективи за безбедносните предизвици и движења.

Панел дебатата имаше за цел и врз експертска анализа на актуелните аспекти на безбедноста и стабилноста, да ги афирмира општите утврдени безбедносни вредности, а преку дебатата, идеите, опциите и конкретни заклучоци да се укаже на најефикасните начини за воспоставување на безбедна и политички стабилна средина во РС Македонија и регионот.

На Панел дебатата беа разгледани и анализирани новите димензии на предизвиците и заканите во контекст на глобалните предизвици и современите манифестации на ризиците и заканите по безбедноста. Особен осврт се даде на актуелните политичко-безбедносни состојби и новата геостратегиска и геополитичка реалност поврзана со кандидатурата за пристапните преговори со ЕУ и членството во НАТО на Република Северна Македонија. Беше анализирана и неопходноста од соработка, интеракција и изградба на националниот систем за безбедност и одбрана, како и очекувањата и последиците можното интегрирање на РС Македонија во Европската унија и НАТО, во таа смисла и можностите за создавање и изградба на стратегиски партнерства во контекст на безбедноста на регионално и глобално ниво.

Методологија на реализацијата

Поаѓајќи од поставените цели, Панел дебатата се одвиваше по методологијата на интерактивност, при што во првиот дел, низ поднесување на воведни излагања, беа презентирани анализи, размислувања и ставови на проф. д-р Трајан Гоцевски, прв министер за одбрана и сега член на Националниот совет за безбедност на РС Македонија, проф. д-р Методи Хаџијанев, генерал на АРСМ, дипломатот Перун Јорганкиевски од Министерството за надворешни работи, проф. др Темелко Ристески, поранешен декан на Правниот факултет при Универзитетот ФОН и на д-р Весна Поповска од Меѓународниот Универзитет Визион.

Врз основа на воведните излагања и на понудените тези за дискусија од страна на организаторот на Панел дебатата – Балкански форум за безбедност, сериозноста и актуелноста на разгледуваната проблематика предизвика интензивна дискусија во која од вкупно 52 присутни, се вклучија 10 учесници и тоа: 5 претставници на невладини организации, 4 експерти – универзитетски професори од областа на разгледуваната проблематика и 1 експерт за надворешна политика – македонски амбасадор од кариера.

Заклучоци и препораки

Врз основа на воведните излагања, бројните коментари и дискусии на Панел дебатата за “Периодот пред нас – време на безбедносни предизвици и неопходни чекори, произлегоа следнитезаклучоци и препораки:

– Општа е оценката која недвосмислено произлезе од излагањата и дискусиите на учесниците на Панел дебатата дека кога станува збор за остварување на надворешно-политичките стратешки цели, Република Северна Македонија, по оној од 2008 година, го доживеа и својот “втор Букурешт“, олицетворен во бриселското вето односно недобивањето датум за преговори со ЕУ. Но сега, таков е впечатокот, разочарувањето е и поголемо затоа што овој е поопасен од оној првиот. Во 2008 година макар имавме јасна насока каде е излезот – ни беше кажано: во решавањето на спорот за името. Овојпат, тешко може да се процени што ќе се случува со политиката на проширување на ЕУ. Од тука и последиците се повеќеслојни, тие можат да бидат дестабилизирачки, да предизвикаат внатрешни појави на национализам и радикализам, да ги зајакнат антиевропските сили, но и да создадат последици по развојот, безбедноста и мирот во Македонија и регионот.

– Настаните во Северна Македонија по Бриселги потврдува бројните гласови кои предупредуваа дека натамошното отфрлање на земјата од страна на Брисел може да испрати катастрофален сигнал и долгорочно да ја загрози дури и стабилноста во  регионот. Опозицијата, која пред Договорот со Грција критикуваше дека со менувањето на државното име се губи националниот идентитет, а на крајот земјата сепак нема да може да влезе во ЕУ, со одлуката од Брисел добива ветер в грб“. Како потврда на внатрешнополитичката криза веќе имаме најавени предвремени парламентарни избори, а од друга страна опозицијата, убедена дека “земјата нема перспектива за полноправно членство во ЕУ и ќе нема уште долго време“, најавува дека “разгледува можности за враќање на уставното име доколку дојде на власт“.

– Очигледно, проблемите ќе се множат. Затоа за Македонија сега е многу важно националното разочарување да не стане национална трагедија. Ова е особено значајно и заради недовршените домашни задачи, неопходни за натамошниот развој:

а) Политичката клима за носење на Законот за обвинители, од кого, сепак имаше дел од влијанието за нашиот старт на преговорите со Брисел, никогаш не беше добра. Повеќе од јасно е дека “каменот на сопнување во текот на преговорите за законот е барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики“.

б) Уште со аферата „Рекет“ државата влезе во политичка криза, која во наредниот период мора да добие судска разрешница.

в) Во декември ќе стигне оценката од Венецијанската комисија за Законот за јазици. Не треба да биде изненадување ако таа оценка ги стави на испит односите на досегашните партнери од власта СДСМ и ДУИ пред нов предизвик во кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена ќе се обиде предизборно да припише за себе политички поени. Ако СДСМ одлучи под притисок на експертите и јавноста да го менува законот, тоа ќе предизвика силен раздор со последици врз меѓуетничките односи. Во услови на предизборие ниедна политичка партија од албанскиот блок нема да дозволи интервенции во Законот.

г) Темата и прашањето за пописот исто така отвора нови политички проблеми. Инсистирањето пописот да се одржи во 2020 година на СДСМ му отвора судир и со ДУИ и со ВМРО-ДПМНЕ, а неговото одложување ќе значи неисполнето политичко ветување.

д) И најавените предвремени парламентарни избори ќе бидат исто така еден од сериозните предизвици. И тоа не само затоа што мора да бидат фер и демократски, туку и од аспект кој и за што ќе гласа на истите.

– Премиерот Зоран Заев вети продолжување на европскиот пат. Но на тој пат, се чини, однадвор се јавуваат нови препреки. Бугарија, која во Брисел јасно се залагаше за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, со “Рамковната позиција“ на бугарската Влада тое нема да го чини безусловно и при отворањето на поглавјата. Условите кои бугарската Влада ги бара од нашата земја може да го потресат добрососедството кое почна да се гради пред нешто повеќе од две години. Всушност, веќе се на повидок и првите последици. Според истражувањето на Евротинк, овие бугарски позиции предизвикаа нашите граѓани Бугарија да ја сметаат како држава што е непријателски настроена кон нашата земја, со што „традиционалниот непријател” Грција го заменуваат со Бугарија.

– Ваквите настани, заедно со бриселското вето за Северна Македонија и Албанија предизвикаа во земјите на Западен Балкан негативни реакции. Постанаа се погласни оние кои се залагаат да не се гледа повеќе кон Европа, туку кон Русија и Кина. И српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека одбивањето на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и покрај нивните реформски напори, е потврда на неговата политика за зајакнување на блиски врски со Кина и Русија.

– Наместо отворените прашање да се решаваат со нови политики насочени кон интеграција на целиот регион, градење пријателство, унапредување и развивање на односите со соседите, постои можност се погласно да се најавуваат идеи за цртање нови граници. Идеите за корекции на границите меѓу Србија и Косово можат да претставуваат и директна закана и за соседните земји, бидејќи во минатото секакво прекројување на границите водело кон конфликти и крвопролевање.

– Нерешителноста или неспособноста на Европа да го реши српско-косовскиот спор, повторно ги враќа САД во игра, кои сакаат целосно да го затворат прашањето до крајот на следното лето, бидејќи во ноември 2020 година се закажани американските претседателски избори. Заради ова САД испраќаат дури двајца емисари (претседателот Трамп го именува актуелниот амбасадор во САД, Ричард Гренел, за специјален пратеник во преговорите меѓу Србија и Косово, а на 30 август годинава, државниот секретар Мајк Помпео го најави именувањето на Метју Палмер за специјален пратеник на САД на Балканот. Од друга страна Амбасадата на Русија во Тирана, во реакцијата околу идејата за промена на границите на Косово, оценува дека прашањата за статусот на Косово треба да се реши врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и дека „не треба да се игра со опасната тенденција да се разнишаат руско-американските односи и да не поттикнуваат тензии на Балканот“.

– Останува отворено прашањето дали евентуелната промена на границите меѓу Косово и Србија би можеле да ја искористат и некои други на Балканот, така што корекциите на границите би зафатиле и поголем простор од планираното. Да не заборавиме дека БиХ е многу покомплициран случај и еден таков преседан ќе отвори простор и за разнебитување на оваа држава.

– Се чини дека нема дилеми во врска со опасноста од ново повлекување граници според етнички принципи. На Западен Балкан не му се потребни моноетнички, туку граѓански држави.

Балкански форум за безбедност