ОСВРТ, Заклучоци и препораки, 31.05.2018

ОСВРТ, Заклучоци и препораки

од научно-експертската конференција на тема БЕЗБЕДНОСТА ОД АСПЕКТ НА ВНАТРЕШНИТЕ АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ И ГЛОБАЛНИТЕ АСИМЕТРИЧНИ ЗАКАНИ”, организирана од Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста во соработка и соорганизација на Балкански форум за безбедност, Клубот на генерали и Дипломатскиои клуб

31.05.2018 год., Дом на АРМ Скопје

Кус осврт на реализацијата на научно-експертската конференција

Поаѓајќи од Програмските платформи и согласно со планот на своите активности, а имајќи ги во вид актуелните политичко-безбедносни аспекти на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-безбедносните ризици и движења, Балкански форум за безбедност, Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, Клубот на генерали и Дипломатскиот клуб Скопје на 31 мај 2018 во Домот на АРМ Скопје заеднички организираа и реализираа научно-експертска конференција на тема БЕЗБЕДНОСТА ОД АСПЕКТ НА ВНАТРЕШНИТЕ АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ И ГЛОБАЛНИТЕ АСИМЕТРИЧНИ ЗАКАНИ” на која беа презентирани размислувања и ставови на експерти и авторитети од сферата на безбедноста, одбраната и меѓународните односи, посветени на глобалните, регионалните и македонските перспективи за безбедносните предизвици и движења.

Имајќи во вид дека наведената проблематика за научно-експертската конференција е непосредно поврзана со областа од најширок интерес за граѓаните на Република Македонија и на македонското општество, воопшто, како и тоа дека самата дискусија требаше да ги опфати размислувањата и ставовите на експерти од безбедноста, одбраната и меѓународните односи, на професори и инструктори од образовните институции кои имаат програми за безбедност и на други авторитети од Република Македонија, на научно-експертската конференција, покрај членовите на организаторите, беа поканети, присуствуваа и учествуваа претставници од: високообразовните и други институции и организации од Република Македонија, авторитети и експерти од областа на безбедноста и одбраната, од надворешно-политичката, безбедносната и информативно-аналитичката и истражувачката област, претставници на Дипломатскиот клуб и претставници од невладиниот сектор.

На покана на организаторите, на Конференцијата учествуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој се обрати со свое излагање и ставови на МВР по наведената проблематика.

Цели на научно-експертската конференција

Конференцијата имаше за цел, врз експертска анализа на актуелните аспекти на безбедноста и стабилноста, да ги афирмира општите утврдени безбедносни вредности, а преку дебатата, идеите, опциите и конкретни заклучоци да се укаже на најефикасните начини за воспоставување на безбедна и политички стабилна средина во Република Македонија и регионот.

Со оваа научно-експертската конференција организаторите си поставија за цел и тоа, врз експертска анализа на актуелните аспекти на безбедноста и стабилноста, да се даде поглед за патот на натамошната изградба на системот за безбедност на Македонија во контекст на стабилноста на национално и регионално ниво, како предизвик и приоритет во насочувањето и интензивирањето на активностите на полето на вредностите на безбедноста и во создавањето услови за одржлив развој, зацврстување на довербата и соработката во регионот.

Значаен очекуван резултат беше дека авторитетите, експертите и научниците кои се занимаваат со проблематиката на безбедноста, одбраната и меѓународните односи, поврзани со политики и анализи, ќе придонесат за пошироки и подлабоки сознанија за севкупните ризици и можните нови појавни манифестации на безбедносните состојби, за идеите и организациската подготвеност како да се одговори на предизвиците и на потребните подобрувања во концептот на националната безбедност.

Врз основа на размена на информации и идеи, научно-експертската конференција имаше за цел да генерира предлози за подобрување на оперативните способности и меѓуресорската соработка во системот за безбедност, одбрана и надворешна политика.

Методологија на реализацијата

Поаѓајќи од поставените цели, научно-експертската конференција се одвиваше по методологијата на интерактивност. Од тој аспект на Конференцијата беа разгледани и анализирани новите димензии на воените закани во контекст на глобалните предизвици и современите манифестации на ризиците и заканите по безбедноста. Особен осврт беше даден на факторите кои влијаат или можат да предизвикаат закани по безбедноста на Република Македонија, како што се современите асиметрични и хибридни закани по безбедноста, организираниот криминал, корупцијата, различните манифестации на радикален национализам и екстремизам. Нужно внимание беше посветено и на заканите во форма на прилив на бегалци, тероризам и дејства од позиција и идеолошка основа на исламскиот фундаментализам како последица од случувањата на Блискиот исток. Беше анализирана и неопходноста од соработка, интеракција и изградба на националниот систем за безбедност и одбрана во коалиционен формат со интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

По отварањето и воведното излагање, на Конференцијата низ тематски излагања беа презентирани анализи, размислувања и ставови на: д-р Благоја Марковски, претседател на Балкански форум за безбедност, полковник, д-р Златко Кузмановски, претставник на ГШ на АРМ, амбасадор Виктор Габер, претставник на Дипломатскиот клуб, проф. д-р Темелко Ристески, Декан на правниот факултет, ФОН универзитет Скопје, проф. д-р Алекса Стаменковски, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање, проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност во Скопје, генералот во пензија Зоран Димов, претставник на Клубот на генерали.

Од страна на организаторите на научно-експертската конференција во проектот за истата беа понудени и на конференцијата елаборирарни следните тези за дебата и расправа:

– Новите димензии на војната во контекст на глобалните предизвици,

– Современите манифестации на ризиците и заканите по безбедноста во контекст на актуелните состојби во Република Македонија,

Организираниот криминал, корупцијата, различните манифестации на радикален национализам и екстремизам како фактори на внатрешни закани по безбедноста,

Општ пристап за одговор на современите асиметрични и хибридни закани по безбедноста,

Асиметричните закани во форма на прилив на бегалци, тероризам и дејства од позиција и идеолошка основа на исламскиот фундаментализам како последица од случувањата на Блискиот исток,

Неопходност од соработка, интеракција и изградба на националниот систем за безбедност и одбрана во коалиционен формат.

На учесниците на Конференцијата им се обрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој напомена дека развојот на безбедносниот сегмент, како во однос на неговата системска поставеност, така и во поглед на безбедносните предизвици, е правопропорционален со интензитетот и динамиката на општествениот и цивилизацискиот развој.

– Настаните и собитијата денес на почетокот на 21. век во оваа ера на т.н. глобалазам, не само што ја потврдуваат „динамичната меѓузависност“ на предизвиците и одговорите кон нив, туку бараат континуирано следење и изнаоѓање нови концепти во сферата на внатрешната, регионалната и колективната безбедност. Дотолку повеќе што е очигледно дека светот денес повторно се наоѓа пред нова глобална и крајно сериозна геополитичка крстосница, со сите евидентни економски, социјални, културни, цивилизациски и, конечно, безбедносни импликации, рече министерот Спасовски потенцирајќи дека секое општество е обврзано да ги искористи сите свои капацитети и потенцијали во постојано опсервирање, развој и наградување на системите и концептите на безбедност.

Воведните излагања и понудените тези за расправа, како и актуелноста на разгледуваната проблематика предизвикаа неподелена заинтересираност на конференцијата кај 64-те присутни експерти и авторитети од сферата на безбедноста, одбраната, образованието и меѓународните односи.

Заклучоци и препораки

Врз основа на воведните излагања, бројните дискусии, согледувања и ставови, изнесени во текот на научно-експертската конференција на тема БЕЗБЕДНОСТА ОД АСПЕКТ НА ВНАТРЕШНИТЕ АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ И ГЛОБАЛНИТЕ АСИМЕТРИЧНИ ЗАКАНИ”, произлегоа следнитезаклучоци и препораки:

– Општа е констатацијата дека опасноста од класична воена закана на подолг рок за Република Македонија и непосредното опкружување не е очекувана, но затоа невоените закани не само што ја модифицираа својата форма, туку истите се адаптираа на современото живеење, станаа разновидни и се зголемија по интензитет, простор и време.

– Своевидна експанзија на безбедносни предизвици за земјата на внатрешен план се дисбалансот во развојот на демократските процеси, политичката разединетост и биполаризацијата по однос на стратешките цели на македонското општество, девијациите предизвикани од организираниот криминал и националниот радикализам.

– Oд надворешен аспект на влијанија, се појавија нови нетрадиционални ризици и асиметрични закани и истите од потенцијални се трансформираа во реални. Особено значење добија такви ризици за безбедноста како: глобалниот (меѓународниот) тероризам и организираниот криминал, етничките и религиозни контроверзи, илегалното ширење на оружје и технологии за нивно производство, бегалски и емиграциони проблеми, закани за информациските системи, трговијата со дрога и луѓе, еколошки закани, природни катастрофи, големи индустриски несреќи и катастрофи, прекуграничен пренос на епидемиски инфекции и токсични загадувачи.

– Корупцијата е еден од најсериозните проблеми кој, покрај влијанието врз безбедноста на земјата, остварува негативни импликации врз  владеењето на правото и во работата на институциите.

– Политички или граѓански немири, како масовни активности на граѓанска непослушност во форма на демонстрации, немири или штрајкови, придонесуваат учесниците во истите да стануваат непријатели на власта и властите се изложени на тешкотии во одржувањето на јавниот ред и мир.

– Македонија конечно ја надмина својата најтешка политичка криза од 2001 година. Тешкиот процес на формирање на влада достигна критична точка за време на настаните од 27 април 2017 година во Парламентот кои беа најсилно осудени од страна на меѓународната заедница.

– На внатрешен план реални и потенцијални опасности се и: нестабилната состојба поради недоволното ниво на демократизација на општеството и латентната политичка конфронтираност меѓу власта и опозицијата; тешката економска состојба која може да се обремени со социјални потреси и штрајкови; меѓуетничките проблеми; сеуште нерасчистените последици од евидентните форми на организираниот криминал и корупцијата; нефункционирањето на правната држава и немањето демократски капацитет; немањето консенсузус за приоритетните национални интереси; “приватизацијата“ на безбедноста во смисла на присвојување на правото таа да се изградува само од одредена елита или партија; начинот и опфатноста на решавање на проблемот што го поставува Р. Грција со уставното име на Р. Македонија. Внатрешната поделеност во општеството продуцира внатрешни кризи.

– Внатрешната стабилност на земјата и членство во колективните безбедносни системи, како што е НАТО се неодминливи сегменти кои мора да бидат во центарот на вниманието на најодговорните фактори во државата. Наспроти некои ставови дека „со резолутната определба за интеграција во НАТО, Република Македонија, сепак, јавно доби нова закана, која подеднакво е релевантна за сите полноправни членки на Алијансата, а која доаѓа преку изјави на руски званичници и дека воедно и активностите на експонентите на руската надворешна политика во РМ и во соседството, нужно, ќе претставуваат и закана за земјата“, искуството ни вели да не брзаме со ваквите заклучоци во кои се издвојува само еден предизвик/закана за безбедноста на РМ, иако во основа ни тие не се неприфаливи.

– Референдумот во врска со евентуелниот договор со Грција за промена на нашето уставно име, како и во врска со членството во ЕУ и НАТО, има суштинско значење и тој е задолжителна форма која мора да биде реализирана пред било кое конечно решение на власта.

– Република Македонија, од надворешен аспект, потенцијапно, но и практично е објект на два вида на закани: а) безбедносни закани од непосредното соседство и б) безбедносни закани од глобален контекст.

а) Од надворешен аспект, како фактори на нестабилност во прв план се односите со соседите кои се карактеризираат со следното:

– со Грција – спорот за името,

– со Албанија – нејзиното патернистичко однесување и често мешање во внатрешните работи на Македонија,

– со Косово – порозноста на границата,

– со Србија – црковниот спор,

– со Бугарија – се градат односи, но старите проблеми остануваат – непризнавањето на македонската нација и народ.

б) Закани од глобален контекст:

– Феноменот на миграциите, во кои се инволвирани милиони лица, претставува сериозен безбедносен предизвик за владините политики. Се чини дека периодот во кој живееме, донесе многу новини во формата и интензитетот на заканите за безбедноста на државите предизаикани од миграционите движења. Војните во Ирак, Авганистан и особено внатрешниот судир во Сирија, предизвикаа лавина од миграциони движења, кои се насочени од исток или од југ преку Македонија кон западните земји во Европа. Неопходно е координирано делување на сите надлежни органи, на целиот државен систем за третман на мигрантите и од безбедносен аспект, незапоставувајќи го хуманиот аспект на помош на цивилното население кое спасува глава од воените жаришта.

– Радикализмот е позначаен феномен во низата безбедносни закани од глобален карактер. Тој се дефинира како активно делување, повод за преземање дури и на насилни средства од позиции на политички, верски и етнички интереси.

– Организиран криминал, како категорија на транснационални, национални или локални групи на организации водени од криминалци остваруваат илегални активности за стекнување на пари или профит.

– Меѓународниот тероризам е на чело на листата на закани од глобален тип.

Република Македонија се соочува со фундаментални промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера. Парламентот треба да ги зголеми своите надзорни и законодавни функции, вклучувајќи го и ограничувањето на широката употреба на скратените постапки.

За да биде ефикасен таков систем, а на нашиот степен на развој, сметаме дека е потребна :

-натамошна демократизација на државата и владеење на правото;

-подигање на економскиот стандард на населението;

-преструктуирање на безбедносниот систем и департизација на полицијата и тајните служби, со цел создавање на сигурност кај граѓаните, преку одлучна борба против сите облици на криминал;

-натамошна реформа на јавното обвинителство и судскиот систем кои конечно би ја презеле улогата на најважни, независни од извршната власт, чинители во спроведување на закониге.

Без исполнувањето на овие услови внатрешната безбедносна состојба во државата и натаму ќе се соочува со тешки форми на криминал во највисоките слоеви на власта; и натаму ќе јакне национализмот како предуслов за мегуетнички и интра-етнички судири и верски нетрпеливости, што на крајот создава поволна клима за наплив на разни безбедносно разузнавачки активности на поедини држави од регионот, но и за сериозни закани по мирот и стабилноста на земјата.

Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, Балкански форум за безбедност, Здружението Клуб на генерали и Здружението Дипломатски клуб Скопје ја искажуваат својата подготвеност и натаму да се ангажираат во активностите и да ги стават на располагање своите интелектуални капацитети и посветеност на проучување и анализа на проблематиката во областа на безбедноста, одбраната и меѓународните односи и да дадат свој придонес во изградбата на безбеноста и мирот, како на ниво на Република Македонија така и на ниво на регионот на Западен Балкан и пошироко.

Балкански форум за безбедност

Здружение на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста

Здружение Клуб на генерали

Здружение Дипломатски клуб Скопје

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links