Панел ДЕБАТА, 15.10.2015

Панел ДЕБАТА”ЕВРОПСКАТА БЕГАЛСКА КРИЗА – ПРИЧИНИ ЗА НЕЈЗИНАТА ПОЈАВА И МОЖНИ ПОСЛЕДИЦИ ПО БЕЗБЕДНОСТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА”,

организирана од Балкански форум за безбедност

15 октомври 2015 година, ФТУ, Охрид

Заклучоци и препораки

од панел дебатата

Поаѓајќи од Програмската платформа, а имајќи ги во вид актуелните политичко-безбедносни аспекти на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-економските и безбедносните ризици и движења, Здружението Балкански форум за безбедност на 15 октомври 2015 година, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид организира и реализира Панел дискусија на тема “Европската бегалска криза – причини за нејзината појава и можни последици по безбедноста на Република Македонија”,како продолжение на претходно реализираната серија на Панел дискусии на кои беа презентирани размислувања и ставови на експерти и авторитети од регионот и Македонија посветени на проблемите на политичко-економските и безбедносните аспекти од развојот на нашето општество, на регионот и светот.

Имајќи во вид дека наведената проблематика за панел сесијата е непосредно поврзана со областа од најширок интерес за граѓаните од регионот на Југоисточна Европа, Западен Балкан и посебно на Република Македонија, на Панел дебатата беа поканети, присуствуваа и учествуваа: експерти од општествено-политичкиот живот и од невладиниот сектор, студенти и претставници од високообразовните и други институции и организации, експерти од сферата на меѓународните односи, меѓународната соработка и безбедноста од Република Македонија, како и авторитети од областа на политичкиот и информативниот простор во Македонија.

Панел дебатата имаше за цел низ експертско согледување и дискусии на присутните да ги афирмира општите утврдени стратегиско-политички и безбедносни вредности и планирани активности на Република Македонија во однос на европската бегалска криза и преку дебата на учесниците да се укаже на најефикасните начини за воспоставување на политичко-економска и безбедна стабилна средина во земјата и регионот.

Со оваа Панел дискусија Балкански форум за безбедност си постави за цел и тоа, врз експертска анализа на актуелните аспекти на политичко-економската состојба и безбедноста и стабилноста во регионот, да се даде поглед за развојот на нашата земја и регионот како безбедносна средина и за зацврстувањето на довербата и соработката во регионот во контекст на стабилноста на национално и регионално ниво, како предизвик и приоритет во насочувањето и интензивирањето на активностите на полето на вредностите на безбедноста и во создавањето услови за одржлив развој на локално и регионално ниво.

Значаен очекуван резултат беше дека авторитетите, експертите и научниците кои се занимаваат со проблематиката на политиката, економијата, правото и безбедноста и одбраната, низ аналитички пристап, ќе придонесат за пошироки и подлабоки сознанија за севкупните ризици и можните нови појавни манифестации на кризи и кризни ситуации предизвикани по основ на европската бегалска криза, за идеите и организациската подготвеност како да се одговори на предизвиците и на потребните подобрувања во концептот на националната и регионалната безбедност. Врз основа на размена на мислења и идеи, панел дискусијата имаше за цел и да генерира предлози за натамошното зајакнување на довербата во регионот.

Поаѓајќи од поставените цели, Панел дебатата се одвиваше во рамките на следните тези:

– Геостратегиски и геополитички аспекти на причините за појава на бегалската криза,

– Меѓународно-правни стандарди за заштита на бегалците како патоказ за изнаоѓање на ефикасни средства и методи за разрешавање на бегалската криза,

– Бегалската криза и односите меѓу соседите во Југоисточна Европа – нови меѓусоседски заострувања или можности за создавање и изградба на стратегиски партнерства,

– Македонија на главната рута на бегалскиот бран – предизвик за потврда на македонското општество,

– Можни последици по европската безбедност и безбедноста на Република Македонија во контекст на бегалската криза

Панел дебатата ја отвори и со истата модерираше д-р Благоја Марковски, доктор по воено-политички науки, претседател на Балкански форум за безбедност.

Воведни излагања поднесоа панелистите:

  • Проф. д-р Јове Кекеновски,

Факултетот за Туризам и угостителство од Охрид при Универзитетот ,,Св Климент Охридски” од Битола

  • Проф. д-р Темелко Ристевски,

Декан, Факултет за правни науки, ФОН Универзитет, Скопје

  • Професор Иван Бабановски,

поранешен оперативен работник во Управата за државна безбедност, Универзитетски професор по безбедност и експерт по меѓународен тероризам

  • Генерал-мајор Илија Николовски,

претседател на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија

Во остварувањето на поставените цели Панел дискусијата се одвиваше на интерактивна основа.

Врз основа на воведните излагања, бројните коментари, дискусии и ставови на Панел дебатата за “Европската бегалска криза – причини за нејзината појава и можни последици по безбедноста на Република Македонија”, произлегоа следните:

заклучоци и препораки:

Бруталната ескалација на вооружените конфликти од Северна Африка до западна Азија принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови. Особено и крајно нестабилна е ситуацијата во земјите на потекло на бегалците – Сирија, Авганистан, Ирак, Иран. Една од карактеристиките на оваа бегалска криза, која ја прави исклучително тешка, е фактот што не може да се види крајот на овој процес, а што од друга страна го отежнува справувањето и го прави уште покомплицирано. Прашање е што ќе се случи ако луѓето почнат да бегаат и од Египет, а тоа веќе се надзира.

Според експерти од меѓународен авторитет (на пример германскиот аналитичар Михаел Лидерс), за кризата на Блискиот Исток пред сè се одговорни САД, а бранот на бегалци е „сметка за интервенционистичката политика“ на Вашингтон, претежно поддржана од Европјаните. Од друга страна арапските шеици исто така имаат одговорност за оваа беда на бегалците бидејќи исплатија милионски суми на борците на Исламска држава, за ИД да се бори против сирискиот претседател Башар ал-Асад, а сега одбиваат да примаат бегалци, за со нив да не влезат и терористи. Сето тоа доведе до драматичен бран на бегалци, кој во актуелниов момент ни одблиску не ја достигна својата кулминација.

Земјите членки на Европската Унија како и земјите кандидат за членство во ЕУ се соочија со невиден бран на бегалци. Како резултат на разногласието помеѓу членките на ЕУ за начинот како да се справат со бранот бегалци, последици трпи и Република Македонија. Во Република Македонија бегалската криза може да предизвика сериозна безбедносна криза.

Бегалската криза дополнително ги оптовари и без тоа тешките односи меѓу соседите во Југоисточна Европа. Жестоки тонови се разменуваа како од времето на југословенските војни. Бегалската криза ги „затру“ односите меѓу Србија, Хрватска и Унгарија. Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и српскиот, Александар Вучиќ, водат вистинска вербална војна, помогнати од медиумите во своите земји, кои на соседските политичари им делат етикети како „фашисти“ и „идиоти“, а Унгарија поставува огради и жици за да спречи влегување на бегалците на своја територија, карајќи се истовремено и со Загреб и со Белград. Во моментов бројни отворени прашања можат да се инструментализираат во внатрешнополитички цели, а тоа се случува секојдневно.

Низ Македонија поминува главната рута на мигрантите. Доколку Србија прва ги затвори границите, нашата држава се соочува со реална опасност да биде отсечена и изолирана и со самото тоа да стане нов собирен центар за бегалци и мигранти.

Не е никакво изненадување ако бранот на бегалци биде злоупотребен. Меѓу наизглед невините бегалци сосема е можно да се кријат и многумина со крвави раце од боиштата во своите земји. Според експерти од областа на Службата за заштита и борбата против тероризмот, во Европа со бранот бегалци влегле и борци на Исламската држава. Опасноста е јасна и присутна. За можните терористички напади во Европа веќе не се зборува во идно време. Некои проценки зборуваат дека преку 4000 илјади членови на ИСИС се префрлени во Европа и чекаат команда за извршување на терористички напади. Овие инфилтрирани оперативци на ИСИС патуваат преку Турција и преку Грција, што значи дека голем дел од нив ја минале или допрва ќе ја минат и македонската граница.

Во моментов, крајот на бегалската криза не е на повидок. Вистина е дека не постои земја која сама може да ја реши таа криза. За справување со кризата потребно е координирано меѓународно решение. ЕУ не може да го реши сама проблемот. Затоа, за справување со моменталната бегалска криза, но и со миграцијата во иднина е неопходна глобална мигрантска стратегија и координиран и глобален пристап на ниво на ЕУ и пошироко.

Веројатно кога би се создала ситуација во која Русија, Иран, Кина, САД и Европејците би биле сложни, конфликтот со радикалниот ислам можеби нема да се оконча, но барем ќе се ограничи и ќе се држи под контрола. Реално, постои заедничка база за конструктивна политика, но мора да постои и волја за да се спроведе заедничката политика. За решавање на бегалската криза е неопходна итна европска кооперативност и добра координираност, без разлика дали тоа било на тло на унијата или надвор од него.

Балкански форум за безбедност ја искажува својата подготвеност и натаму да се ангажира во активностите и да ги става на располагање своите интелектуални капацитети и посветеност на проучување и анализа на проблематиката во областа на општествено-економските и политичките процеси и особено во областа на безбедноста и одбраната и да даде свој придонес во изградбата на безбеноста и мирот, како на ниво на Република Македонија така и на ниво на регионот на ЈИЕ.

Балкански форум за безбедност

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links