ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ, 20.06.2013

ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ
од панел сесијата на тема “Република Македонија во следната деценија – алтернативи за економско-политичкиот и безбедносно-одбранбениот развој на земјата”, организирана од Балкански форум за безбедност
четврток, 20 јуни 2013 година, ФОН Универзитет, Скопје

Поаѓајќи од Програмската платформа, а имајќи ги во вид актуелните политичко-безбедносни аспекти на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-економските и безбедносните ризици и движења, Здружението Балкански форум за безбедност на 20 јуни 2013 година, на ФОН Универзитетот во Скопје организира и реализира Панел дискусија на тема “Република Македонија во следната деценија – алтернативи за економско-политичкиот и безбедносно-одбранбениот развој на земјата”.

Имајќи во вид дека наведената проблематика за панел сесијата е непосредно поврзана со области од најширок интерес за граѓаните на Република Македонија, како и тоа дека самата дискусија треба да ги опфати размислувањата и ставовите на експерти и авторитети од сферата на политичко-економската, безбедносната и информативно-аналитичката и истражувачката област, на Панел дискусијата беа поканети, присуствуваа и учествуваа: експерти од општествено-политичкиот живот и од невладиниот сектор, претставници од високообразовните и други институции и организации, авторитети од областа на политичкиот и информативниот простор во Македонија.

Панел дискусијата имаше за цел, низ експертско согледување и дискусии посветени на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-економските и безбедносните ризици и движења, да ги афирмира општите утврдени економско-политички и безбедносни вредности, со што ќе се укаже на најефикасните начини за воспоставување на безбедна и политички стабилна средина во регионот.

Со оваа Панел дискусија Балкански форум за безбедност си постави за цел и тоа, врз експертска анализа на актуелните аспекти на политичко-економската состојба и безбедноста и стабилноста во регионот, да се даде поглед за развојот на нашата земја и регионот како безбедносна средина (здрава економија – безбедна средина) и за зацврстувањето на довербата и соработката во регионот во контекст на стабилноста на национално и регионално ниво, како предизвик и приоритет во насочувањето и интензивирањето на активностите на полето на вредностите на безбедноста и во создавањето услови за одржлив развој на локално и регионално ниво.
Значаен очекуван резултат беше дека авторитетите, експертите и научниците кои се занимаваат со проблематиката на политиката, економијата, безбедноста и одбраната, низ аналитички пристап, ќе придонесат за пошироки и подлабоки сознанија за севкупните ризици и можните нови појавни манифестации на кризи и кризни ситуации, за идеите и организациската подготвеност како да се одговори на предизвиците и на потребните подобрувања во концептот на националната и регионалната безбедност.

Поаѓајќи од поставените цели, Панел сесијата се одвиваше во рамките на две панел дискусии:
Прва панел дискусија: Македонија во статус кво пред портите на ЕУ и НАТО – предизвик за создавање и изградба на нови стратегиски партнерства и
Втора панел дискусија: Македонското општество во контекст на актуелните и идните безбедносни предизвици и ризици

Ставови и заклучоци од Панел сесијата
Веќе дведеценискиот спор за името на Република Македонија со Грција ја блокира стратегиската цел на земјава за нејзината интеграција во НАТО и во Европската Унија. Сведоци сме дека оваа цел тешко се реализира дури и по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој јасно пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со ветото за интеграција на Македонија во европските и евроатлантските структури под референцата.
Според Програмата на владеачката „ВМРО-ДПМНЕ, таа нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име, ниту ќе прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и јазикот“. Реално е да се очекува дека Грција и натаму ќе продолжи со играта на блокада на македонското членство во ЕУ и НАТО, посебно што ниту Брисел ниту Вашингтон заради внатрешната кохезија и солидарност во наведените структури не се во можност да ја притиснат Атина за решавање на проблемот. Промена на името на државата, јазикот и народот се условите кои Атина и натаму ги реди на црвената линија. Така, проблемот со името на Република Македонија кој што Грција го наметна како еден од условите за зачленување на нашата земја во ЕУ и во НАТО, македонските власти ги става во ситуација да проценат дали може да ја платат цената понудена за името.
Во контекст на оваа констатација се и прилично јасните и директни пораки што ги упатија високи претсавници на ЕУ, како и генералниот секретар на НАТО, Расмусен и амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс кои посочуваат на нивниот безалтернативен став дека без решение за спорот за името Македонија не треба да се надева на членство во ЕУ и Алијансата.
Од друга страна, факт е дека економско-социјалниот развој на нашата земја не оди со потребната и посакувана динамика, што подразбира потреба од барања и други решенија за политичко-економската ситуација низ воспоставување поцврсти политички и економски односи и со други земји, надвор од ЕУ. Ваквата алтернатива воопшто не е во контрадикција со определбите кон европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија. Напротив, на глобално, светско ниво се случуваат крупни промени. Поаѓајќи од принципот дека во политиката и меѓународните односи најголем простор заземаат и дека работите се одвиваат на основа на интересите, земјите од Западен Балкан остварувањето на своите стратегиски приоритети го дефинираа и побараа преку влегување во ЕУ и членството во НАТО, како и преку билатерално поврзување и соработка со САД, Русија, но и Кина, Турција и другите земји од Запад и Исток. Се дефинира еден нов пристап на алтернативи – атлантски или евроазиски или, паралелно на ова, одредени земји во остварувањето на своите државни интереси бараат и нови алтернативи во смисла на „игра“ со сите страни. Се добива впечаток дека Западот не е веќе единствената алтернатива и дека Евроазија може да биде интересна и главна награда. Дури и европските држави непрекинато соработуваат со Русија и со околните региони, како што се Кавказ и арапските земји, па и подалеку – со цела Азија и Африка. Токму основачите на европската кауза, Германија и Франција, во услови кога тешко се справуваат со економската криза во Унијата, сé почесто се свртуваат кон државите што Русија првично ги замисли во рамките на некоја идна евроазиска унија. Значи, во прв план се ставаат интересите за зајакнување на економските односи, особено поради огромниот потенцијал за привлекување инвестиции и за извоз на сопствените производи.
Се добива впечаток дека стратегиските партнерства меѓу државите, особено за земјите од Балканот, се од исклучително значење за остварување на главните државни приоритети. На овој план, остварувањето на партнерставата во областа на економските интереси се прошируваат и на соработка во други стратегиски области, како што е, на пример, воената.
Ова е особено значајно за Република Македонија чии европски и евроатлантски интеграции се закочени поради спорот за името со Грција. Токму заради остварување на стратегиските цели, Македонија мора да го прошири кругот на земји со кои ќе има таков вид партнерства, без оглед на тоа дали станува збор за формални или фактички. Евроазискиот регион е огромен пазар, а земјите од овој регион се покажаа за пожилави во услови на криза. Затоа на Македонија и е потребен поголем степен на отвореност кон земјите од т.н. БРИКС, посебно кон Русија, Кина и Индија, како и кон Турција.
Иако скромни, досегашните искуства на планот на трговската размена и новите инвестиции, па и стратегиско партнерство со Турција зборуваат за позитивни ефекти. Трговската размена со Турција во 2010 година достигна 310 милиони долари, а во 2011 година – околу 400 милиони долари. Но Турција е значајна и заради тоа што таа е континуирано присутна и во туркменските земји на Кавказот и во Централна Азија, што може да биде мост на приближување и економска соработка на Македонија до овие земји. Од друга страна, директната врска на Македонија со Русија е вредна околу 670 милиони долари трговска размена на годишно ниво. Во Македонија веќе се реализирани руските инвестиции – „Саса“, „Лукоил“ и гасната електроцентрала ТЕТО, како и наплатата на клириншкиот долг. Кон ова треба да се додаде и договорот за гасификација на нашата држава и изградбата на крак на гасоводот „Јужен тек“ кон Македонија.
Експертите се неподелени во своите ставови дека кога се зборува за формални и фактички стратегиски партнерства, од регионот особено е интересен случајот со Србија. Србија има склучено стратегиски партнерства со три држави – со Кина (2009 г.), Италија (2009 г.) и со Франција. Според нив, иако со овие три земји Србија има формално склучени стратегиски партнерства, соработката е на пониско ниво од онаа на релацијата Белград – Москва. Русија се појавува како де факто најголем стратегиски партнер на српската држава, а веќе подолго време се очекува тоа и да биде формализирано со потпишување договор. Се очекува Путин да го посети Белград во декември, кога би присуствувал во почетокот на работите на делницата од гасоводот „Јужен тек“ во Србија, чија должина е над 400 километри. Дополнително, потегот на официјален Белград да стане набљудувач во Организацијата за колективна безбедност (ЦСТО), воен сојуз на Москва, според аналитичарите создава амбиент во кој Србија стратегиски полека се врти кон Русија, како економски така и воено. На овој начин, Кремљ ќе ги зајакне своите позиции во срцето на Балканот, но и ќе ја отвори можноста за склучување нови економски стратегиски партнерства со земјите од регионот.
Без оглед на тоа како кој гледа на новите преструктуирања по однос на интересите на земјите од Балканот, со оглед на нивните евидентни и практични постапки, пред се, во барањето нови пазари и нови можности за одблокирање на евидентно осиромашената сопствена економија, одржувањето на постоечките и истовремено барањето нови алтернативи во соработката претставува нов квалитет. Неодминливо се наметнува констатцијата дека паралелната определба за членство во ЕУ и НАТО и создавањето квалитетна соработка на сите страни, ширејќи го кругот на пријателски држави, е во интерес на секоја земја од Западен Балкан, посебно за тие на кои им претстои долго чекање на одговорот и од ЕУ и од НАТО. Од тој аспект во постоечката констелација на односи, може да се зборува за комплементарни стратегиски цели, а не цели што се исклучуваат.
Македонија во моментов не е под безбедносен ризик, но треба да биде претпазлива. Земјата треба да работи особено на внатрешната стабилност како предуслов за зачувување на надворешната стабилност, да ги следи движењета во регионот и пошироко и навреме да се позиционира врз основа на новонастанатите ситуации. Притоа, евидентниот притисок од страна и условувањето надвор од стандардните принципи за влез во европското семејство и во НАТО, не треба да значи дека е неопходно да се иде на избрзани предлози за решенија со наметнатиот билтерален спор за уставното име на Македонија.
Република Македонија не претставува никаква закана ниту за регионот, ниту за Балканот, ниту за Европа. Сепак, за Македонија поради блокадата со која се соочува реално е да се постави прашањето има ли други алтернативи и што треба да прави додека чека за влез во ЕУ и во НАТО, односно дали на Македонија и се потребни нови партнерства и пазари? Ова е посебно значајно и заради тоа што нерешавањето на проблемот со интеграциите, на внатрешен план се создава нов (внатрешен) конфликт. Од друга страна, факт е дека економско-социјалниот развој на Македонија не оди со потребната и посакувана динамика и дека земјата е пред тешки искушенија. Доколку ЕУ и НАТО предолго одбиваат да ја примат Македонија за полноправна членка, прашање е каков тек во иднина ќе заземат процесите на Балканот, при што со таква „дупка“ на балканскиот чадор може да се доведе во прашање концептот на НАТО за ефектуирање на декларираниот атлантски светски поредок. Истовремено, обврска на македонската влада е да бара други решенија за политичко-економската ситуација, што подразбира воспоставување поцврсти политички и економски односи со други земји, надвор од ЕУ.
Во Македонија од страна на јавноста доста некритички се опсервира самата потреба да се влезе во НАТО. Ако во последните 10 години поддршката за влез во НАТО беше изразително висока и се движеше некаде меѓу 70 и 80%, најновите истражувања покажуваат силна поделеност на македонското општество кога станува збор за промена на името на Република Македонија со име со географска одредница како услов Македонија веднаш да биде примена во ЕУ и НАТО. Имено, 62,8% од македонските граѓани (80,8% од Македонците) се против ваквиот услов за членство во ЕУ и НАТО, а само 34,2% би прифатле таков услов (81,5% од Албанците , граѓани на Македонија):

За Македонија од интерес е во претстојниот период да се фокусира на интензивирање на економската соработка, на трговската размена и на привлекувањето директни странски инвестиции и надвор од земјите на ЕУ. Во тој контекст најавените инвестиции во Македонија и отворањето на пазарот на Евроазија, пред се на Кина, Русија и Турција за македонските производи е една од алтернативите кои треба да се бараат.
Балкански форум за безбедност ја искажува својата подготвеност и натаму да се ангажира во активностите и да ги става на располагање своите интелектуални капацитети и посветеност на проучување и анализа на проблематиката во областа на безбедноста и одбраната и да даде свој придонес во изградбата на безбеноста и мирот, како на ниво на Република Македонија така и на ниво на регионот на ЈИЕ.

Балкански форум за безбедност

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links