Панел дебата, 12.05.2012

панел сесија

Регионални предизвици по самитот на НАТО во Чикаго”, организирана од Балкански форум за безбедност

Тези за панел дискусии:

– Западен Балкан во следната деценија и

Р.Македонија и регионот во НАТО – реалност или алтернативи

12 мај 2012 година, Хотел “Славија“, Охрид

Заклучоци и препораки

од панел сесијата

Поаѓајќи од Програмската платформа, а имајќи ги во вид актуелните политичко-безбедносни аспекти на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-економските и безбедносните ризици и движења, Здружението Балкански форум за безбедност на 12 мај 2012 година, во хотелот Славија во Охрид организира и реализира Панел дискусија на тема “Регионални предизвици по самитот на НАТО во Чикаго”, како продолжение на претходно реализираната Панел дискусија (26 ноември 2011 година во Скопје) на тема “Македонски и регионални предизвици пред самитот на НАТО во Чикаго”.

Имајќи во вид дека наведената проблематика за панел сесијата е непосредно поврзана со областа од најширок интерес за граѓаните од регионот на Западен Балкан и посебно на Република Македонија, на Панел сесијата беа поканети, присуствуваа и учествуваа: експерти од општествено-политичкиот живот и од невладиниот сектор, претставници од високообразовните и други институции и организации, од сферата на меѓународните односи, меѓународната соработка и безбедноста од регионот и од Република Македонија, како и авторитети од областа на политичкиот и информативниот простор во Македонија.

Панел дискусијата имаше за цел низ експертско согледување и дискусии посветени на глобалните, регионалните и македонските предизвици за политичко-економските и безбедносните ризици и движења во периодот по Самитот на НАТО во Чикаго, да ги афирмира општите утврдени економско-политички и безбедносни вредности и со тоа да укаже на најефикасните начини за воспоставување на безбедна и политички стабилна средина во регионот.

Со оваа Панел дискусија Балкански форум за безбедност си постави за цел и тоа, врз експертска анализа на актуелните аспекти на безбедноста и стабилноста, да се даде поглед на учесниците на дебатата за развојот на регионот како безбедносна средина и за зацврстувањето на довербата и соработката во регионот во контекст на стабилноста на национално и регионално ниво, како предизвик и приоритет во насочувањето и интензивирањето на активностите на полето на вредностите на безбедноста и во создавањето услови за одржлив развој на локално и регионално ниво.

Значаен очекуван резултат беше дека авторитетите, експертите и научниците кои се занимаваат со проблематиката и состојбите на меѓународните односи, безбедноста и одбраната, поврзани со политики и анализи, ќе придонесат за пошироки и подлабоки сознанија за севкупните ризици и можните нови појавни манифестации на кризи и кризни ситуации, за идеите и организациската подготвеност како да се одговори на предизвиците и на потребните подобрувања во концептот на националната и регионалната безбедност. Врз основа на размена на мислења и идеи, панел дискусијата имаше за цел и да генерира предлози за натамошното зајакнување на довербата во регионот.

Поаѓајќи од поставените цели, Панел сесијата се одвиваше во рамките на две панел дискусии: Западен Балкан во следната деценија и Р.Македонија и регионот во НАТО – реалност или алтернативи.

Панел сесијата ја отвори д-р Благоја Марковски, доктор по воено-политички науки и претседател на Балкански форум за безбедност, а под раководството на модераторот проф. д-р Стојан Кузев, професор по предметот Разрешување на конфликти на Првиот приватен универзитет – Европскиот универзитет на Република Македонија во Скопје, воведни излагања поднесоа панелистите:

1) Проф. д-р Билјана Ванковска,

Професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје и на Европскиот мировен универзитет во Штадшлајнинг (Австрија)

2) Проф. д-р Жидас Даскаловски,

Директор на Факултетот за јавна политика “Мајка Тереза” и професор на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи – Битола

3) Проф. д-р Методи Хаџи Јанев,

Раководител на Катедра за општествени науки, Воена академија “Генерал Михаило Апостолски”, Скопје и соработник на Правниот факултет во Скопје и Штип

4) Проф. д-р Ридван Пешкопиа, специјален гостин на Панел сесијата

Декан на Колеџот за општествени науки при Американскиот универзитет “Џорџ Вашингтон”, Тирана

5) Проф. д-р Кирил Христовски, специјален гостин на Панел сесијата

Професор на Државниот универзитет на Аризона во Темпи, САД

Во остварувањето на поставените цели Панел дискусијата се одвиваше на интерактивна основа.

Врз основа на воведните излагања, бројните коментари, дискусии и ставови на Панел сесијата за регионалните предизвици по самитот на НАТО во Чикаго, произлегоа следните:

заклучоци и препораки:

– Од крајот на последната декада на минатиот век до денес на Балканот е присутна политичко-идеолошка и духовна разединетост исполнета со недоверба, нетолерантност, па дури и омраза кои во 90-те години од минатиот век создадоа своевидна гетоизација со трагични последици, посебно во новосоздадените држави при распадот на поранешната југословенска заедница. Националистичката идеологија произведе ригидни општествени вредносни системи преку кои актуелните власти на земјите од Балканот наместо меѓусебна соработка развиваа своевидна супремација на сопствената нација. На тој начин се создаваше своевиден гетоизиран патриотизам, а несогласувањето со истиот значеше национално предавство.

Надминувањето на овие состојби бараше нов приод, редефинирање и радикална промена не само на политиката и идеологијата туку и на стратегиските приоритети, а поврзано со нив и на начинот на социјализација, моделот на културата и на вкупниот систем на општествени вредности.

– На глобално, светско ниво се случуваат крупни промени. Поаѓајќи од принципот дека во политиката најголем простор заземаат интересите и дека работите се одвиваат на основа на интересите, земјите од Западен Балкан остварувањето на своите стратегиски приоритети го дефинираа и побараа преку влегување во ЕУ и членството во НАТО, како и преку билатерално поврзување и соработка со САД, Русија, но и Кина, Турција и другите земји од Запад и Исток. Се дефинира еден нов пристап – атлантски или евроазиски иако, паралелно на ова, одредени земји во остварувањето на своите државни интереси бараат и нови алтернативи во смисла на „игра“ со сите страни. Се добива впечаток дека Западот не е веќе единствената алтернатива и дека Евроазија може да биде интересна и главна награда.

– Без оглед на тоа како кој гледа на новите преструктуирања по однос на интересите на земјите од Балканот, со оглед на нивните евидентни и практични постапки, пред се, во барањето нови пазари и нови можности за одблокирање на евидентно осиромашената економија на земјите од Западен Балкан, одржувањето на постоечките и истовремено барањето нови алтернативи во соработката претставува нов квалитет. Неодминливо се наметнува констатцијата дека паралелната определба за членство во ЕУ и НАТО и создавањето квалитетна соработка на сите страни, ширејќи го кругот на пријателски држави, е во интерес на секоја земја од Западен Балкан, посебно за тие на кои им претстои долго чекање на одговорот и од ЕУ и од НАТО. Од тој аспект во постоечката констелација на односи, може да се зборува за комплементарни стратегиски цели, а не цели што се исклучуваат.

– Во овој момент за земјите од Западен Балкан, не постојат опасности од класична војна или агресија, но има многу асиметрични закани кои бараат соодветен одговор од секоја земја одделно, како и од сите држави заедно.

– Македонија мометно иако не е под безбедносен ризик од пошироки размери, таа сепак е подложна на микро дестабилизирачки појавни моменти, пред се, на внатрешен план, заради што треба да биде претпазлива. Земјата треба да работи посебно на внатрешната стабилност како предуслов за зачувување на надворешната стабилност, да ги следи движењета во регионот и пошироко и навреме да се позиционира врз основа на новонастанатите ситуации. Притоа, евидентниот притисок од страна и условувањето надвор од стандардните принципи за влез во европското семејство и во НАТО, не треба да значи дека е неопходно да се иде на избрзани предлози за решенија со билтералниот спор за уставното име на Македонија.

– Република Македонија не претставува никаква закана ниту за регионот, ниту за Балканот, ниту за Европа. Сепак, за Македонија поради блокадата со која се соочува реално е да се постави прашањето има ли други опции и што треба Македонија да прави додека чека за влез во ЕУ и во НАТО, односно дали на Македонија и се потребни нови партнерства и пазари? Ова е посебно значајно и заради тоа што нерешавањето на проблемот со интеграциите, на внатрешен план се создава нов (внатрешен) конфликт. Од друга страна, факт е дека економско-социјалниот развој на Македонија не оди со потребната и посакувана динамика и дека земјата е пред тешки искушенија. Доколку ЕУ и НАТО предолго одбиваат да ја примат Македонија за полноправна членка, прашање е каков тек во иднина ќе заземат процесите на Балканот, при што со таква „дупка“ на балканскиот чадор може да се доведе во прашање концептот на НАТО за ефектуирање на декларираниот атлантски светски поредок. Истовремено, обврска на македонската влада е да бара други решенија за политичко-економската ситуација, што подразбира воспоставување поцврсти политички и економски односи и со други земји, надвор од ЕУ.

– За Македонија од интерес е во претстојниот период да се фокусира на интензивирање на економската соработка, на трговската размена и на привлекувањето директни странски инвестиции и надвор од земјите на ЕУ.

Балкански форум за безбедност ја искажува својата подготвеност и натаму да се ангажира во активностите и да ги става на располагање своите интелектуални капацитети и посветеност на проучување и анализа на проблематиката во областа на општествено-економските и политичките процеси и особено во областа на безбедноста и одбраната и да даде свој придонес во изградбата на безбеноста и мирот, како на ниво на Република Македонија така и на ниво на регионот на ЈИЕ.

Балкански форум за безбедност

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links