Извештај, 17.10.2007

Во периодот од 14-17 октомври 2007 Балкански форум за безбедност, во соработка со МИА, ТВ А-1, дневниот весник Дневник и Бугарската информативна агенција БТА организира и реализира меѓународна конференција – Балканскиот медиумски форум во Охрид во хотелот Славија, поврзано со придонесот на медиумите во афирмацијата на стратегиската цел на Македонија за членство во НАТО на тема „Јавното мислење – фактор за членство во НАТО“.

Балканскиот медиумски форум неформално започна со свечен прием што го приреди градоначалникот Александар Петрески, а официјално форумот на 15.07.2007 година го отвори министерот за надворешни работи Антонио Милошоски со пригодни обраќања на амбасадорот на САД во Македонија Џилиен Миловановиќ, советникот на македонската Влада за НАТО-интеграции Соломон Паси, амбасадорот на Република Македонија во НАТО Нано Ружин, како и претставник на НАТО-мисијата во Македонија.

На дводневниот форум учествуваа и претставници на медиуми од Македонија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Украина, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција.

Според оценките на 60-тина учесници – експертите од 12 земјии на претставниците на медиумите и политичарите, кои за климата на Балканот за членство во НАТО дебатираа на Балканскиот медиумски форум во Охрид, јавното мислење е значаен фактор во НАТО-интегративниот процес. Широкиот консензус што во Македонија го има за членство во НАТО со 90% поддршка на оваа идеја од граѓаните, се смета како поволен амбиент за влез во Алијансата, со што на политичарите им се остава најголемиот дел од одговорноста за исполнување на овие очекувања. Експертите кои дебатираа, оценуваат дека трите земји од Јадранската група треба да работат на НАТО-интегративниот процес заедно и да не си конкурираат меѓусебе. Тие сметаат дека поканата за членство во НАТО, Македонија, Албанија и Хрватска ќе ја добијат во пакет.

– Нема релевантен политички или општествен субјект, не мора да е политичка партија, може да е здружение, медиумска куќа или институт, која гледа недостатоци, слабости или ризик од членството на Македонија во НАТО. Македонија ја научи лекцијата на важноста и полезноста од позитивната јавна поддршка во спроведувањето на севкупните реформски процеси. Затоа процентот на поддршка е многу висок (според Меѓународниот републикански институт, 93 проценти од македонските граѓани го поддржуваат членството во НАТО), – изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, кој е советник на Македонија за евро-атлантските интеграции, изјави дека во оваа група земјите не се тркаат една со друга, која побрзо ќе влезе во НАТО, туку дека секоја земја се трка самата со себе, и со времето. Соломон Паси потсети дека кога во Бугарија почнала дебатата за членство во НАТО, земјата се уште била во Варшавскиот пакт, а поддршката за НАТО изнесувала само 15 проценти, наспроти 85 проценти од граѓаните, кои биле за останување во источниот блок. Паси додаде дека низ годините, ситуацијата се сменила за 180 степени.

– Во НАТО има 26 сојузници, а јавното мислење е 27-от. Ако го немате јавното мислење, се е залудно – оцени Паси.

Смиљана Хрнчевиќ, директорка од Хрватската новинска агенција ХИНА, ја анализираше поделеноста во Хрватска, во која околу 55 проценти од граѓаните се за членство во НАТО, додека останува сериозен процент граѓани што се против.

– Хрватска е млада земја, која беше изградена со помош на војниците. Затоа, кај голем дел од населението останува таа претстава за хрватскиот војник и не сакаат да се случи некој наскоро на хрватскиот војник да му командува – изјави Хрнчевиќ.

Новинарот Александар Чомовски оцени дека е можен шок во Македонија, ако поддршката од 93 проценти падне на околу 60 проценти.

Максим Минчев, директор на Бугарската телеграфска агенција, оцени дека Бугарија минала долг пат до членството во НАТО, при што главна улога одиграле политичарите, офицерите и медиумите.

НАТО е сојуз на држави кои делат заеднички вредности и дејствуваат во нивна заштита, изјави македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски, кој учествуваше на вториот ден на Балканскиот медиумски форум.

– Живееме во 21 век во кој сите што ја бранат аурата на демократијата не можат да прифатат тиранија и диктатура никаде во светот и не можат да прифатат геноцид. Затоа денес алијансата е во Авганистан да ги заштити човековите права, да помогне да се развие демократијата и да може авганистанскиот народ да живее во мир и да просперира. Се разбира, никој не спори дека има и други интереси, но ширењето на демократијата е основна цел која не мотивира – изјави Еленовски.

Д-р Благоја Марковски, претседател на Балкански форум за безбедност, изјави дека во новиот век суверенитетот на државите мора да се сфати еластично, бидејќи повеќе не може да се дозволи ниту една држава да ги крши човековите права криејќи се зад својот суверенитет.

Смиљана Хрнчевиќ, директорка на хрватската новинска агенција ХИНА, побара ако некој зборува против членството во НАТО, треба не само да критикува, туку и да каже што предлага во замена за НАТО: “Ние во Хрватска знаеме дека немаме алтернатива, а мислам дека не ја ни сакаме. Знаеме што ни се случи во 1990 година. Да бевме во НАТО, тоа немаше да ни се случи“, – изјави Хрнчевиќ.

Антоанета Маља, заменик директор во албанската новинска агенција, потенцираше дека процентот на поддршка за членство во НАТО е исклучително висок, 94 проценти, што значи дека е повисок дури и од македонскиот.

Новинарот Александар Чомовски, во врска со високата поддршка на македонската јавност за членство во НАТО, подвлече дека дури и во комунизмот одлуки не се носеле со поддршка од над 90 проценти: “Тоа за едно општество не е здраво. Дури и тогаш во комунизмот имаше дисиденти“, – изјави Чомовски.

Бугарскиот амбасадор во Македонија Михо Михов, поранешен генерал и началник на бугарскиот Генералштаб, побара во услови на јасна поддршка за членство во НАТО на сите субјекти, новинарите мора да внимаваат на нијансите во изјавите на политичарите: “Понекогаш во тие изјави се крие лага, некогаш од изјавите произлегува дека не сите политичари се за членство во НАТО, но како последица на актуелните политички околности, така мораат да зборуваат пред граѓаните. Но, кога ќе се појават вакви нијанси, следи остра проверка, особено од новинарите. За Бугарија имаше алтернативи, за или против НАТО. Јас, пред воено-техничките структури се повикував дека за Бугарија нема логика, географски или политички, да е против членството во НАТО, во време кога Турција и Грција се членки, а Македонија и Романија се определени за членство во НАТО. Тоа беше тешко да им се објасни на многу ретро-социјалисти“, – изјави Михов.

Зоран Илиќ од босанската новинска агенција ФЕНА, оцени дека, иако нестабилни земји од членството во НАТО очекуваат спас, тоа нема да гарантира опстојување на државите – членки, доколку по демократски пат се донесе одлука за промена на уредувањето.

Балкански форум за безбедност

ПАРТНЕРИ - СОРАБОТНИЦИ
PARTNERS - ASSOCIATES

ДОНАТОРИ
DONORS

Линкови
Links